Адора Flatiron Скопје
Адора Diаmond Garden
Аеродром црква 3
Сакам да купам СТАН

Новости

31/08/2018

Со свеченото отворање на новиот станбено-деловен комплекс Diamond Garden во Тафталиџе, Скопје, градежниот бренд Адора инженеринг прослави 16 години успешна работа во врвот на високоградбата во Македонија.

Во присуство на голем број станари, купувачи, деловни партнери, вработени во компанија и гости, Македонската дијамантска градина за зелено домување, официјално најголемата внатрешна градина во Европа со 5,5 тони растенија од природно потекло, ја отвори менаџментот на Адора инженеринг.

„Уникатноста на комплексот Diamond Garden се двата внатрешни атриуми, со стаклен кров од кој зрачи природна светлина и свеж воздух, збогатени со 100 % природни растенија и мов, презервирани со целосно еколошки процес, кои ги оплеменуваат сите хоризонтални нивоа и целата вертикална висина на комплексот“, порача проф. д-р Васка Сандева од Универзитетот Гоце Делчев во Штип, стручњак за пејзажна архитектура и хортикултура, објаснувајќи го потеклото, својствата, придобивките и третманот за внатрешното зеленило во комплексот, истакнувајќи дека овој метод на оплеменување се користи во најсериозните и најистакнатите проекти за хумано домување во светот.

„Особено сум среќен бидејќи успеавме да докажеме дека можеме да бидеме позитивно различни, но не Адора инженеринг, туку Република Македонија и дека на ова мало парче земја соочено со огромни предизвици, покажавме дека со силна желба, со малку глувост кон оние кои тешкото го нарекуваат невозможно и со многу труд и работа, сепак умееме да создадеме нешто што е за почит во светски рамки. Среќен сум поради среќата на нашите купувачи, бидејќи домот е свето место каде се поминува најголем дел од животот, каде гледаме како растат неколку следни генерации, домот е библиотека на нашите спомени“, порача Душко Чифлиганец, заменик генерален директор на Адора инженеринг и проект лидер на Diamond Garden, кој потенцира дека во Адора се среќни што среде секојдневната борба, успеваат да понудат исклучително квалитетен и топол дом, што секој во светот го заслужува, дом што е парче спокој среде хаосот наречен денешница.

Генералниот директор, проф. д-р Ванчо Чифлиганец истакна дека за успехот на градежниот бренд Адора инженеринг се заслужни 3.000 вработени-македонски неимари кои досега продефилирале низ компанијата и изградиле над 3.000 стабилни домови со квалитет препознаен и валоризиран со стотици национални и интернационални признанија, во кои живеат над 13.000 станари.

„Адора инженеринг не гради и не продава метри квадратни, туку станови за хумано живеење, со поглед на сино небо и светлина од атриумите, што од надвор дава ведрина, а внатре домовите се исполнети со топлина, љубов, среќа и успешност на семејството. И покрај бројните искушенија и предизвици во работата, Адора инженеринг и Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец секогаш се грижеле и ја помагале пошироката заедница, за што изминатите 16 години компанијата донирала над 3,5 милиони евра“, порача Чифлиганец.

На отворањето на Дијамантската градина на Адора, што од Светската маркетинг организација деновиве доби златен медал за воведување на Boutique концептот на недвижности и домување во Југоисточна Европа, се собраа хуманитарни средства кои ќе се донираат на Детската болница за белодробни заболувања „Козле“ во Скопје.