ОСВЕТЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИКОТ НА СПОМЕНИКОТ ЗА ВОДИЦИ, ДОНАЦИЈА НА ПРОФ. Д-Р ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ ЗА ОХРИД

Денес, на 31-ви јануари, православниот празник Свети Атанасиј, на свечен начин е  поставен камен темелникот за изградба на новото спомен обележје за Водици кај градското пристаниште, во центарот на Охрид.

Чинот на осветувањето и поставувањето на камен темелникот, со благослов на свештенството на МПЦ од Дебарско-Кичевската Епархија, заедно го извршија  Кумот на Водици Охрид-2012 проф. д-р Ванчо Чифлиганец, донатор на споменикот и претседателот на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњаноска.

Осветување на камен темелникот на споменикот за Водици во Охрид од  МПЦ, донаторот проф. д-р Ванчо Чифлиганец и Гордана Коњаноска-прет. на Совет на Општина Охрид

         

Спомен обележјето посветено на големиот христијански празник Богојавление се подигнува на иницијатива на Кумот на Водици Охрид-2012, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, генерален директор на Адора Инженеринг. „Идејата е во духот и традицијата на најмасовната прослава на Богојавление во овој дел на православието, граѓаните, туристите, Балканскиот Ерусалим и Македонија да добијат автентично обележје, верска и туристичка атракција, нов препознатлив и атрактивен симбол на Охрид. Оваа донација е дел од активностите што ги зацртав како Кум на Водици Охрид 2012-та и е резултат на благословот што јас, моето семејство, вработените и мојата компанија Адора Инженеринг го добија од празникот и капењето во осветените води во Охридското Езеро за Водици, неколку години по ред. Ова спомен обележје го заслужуваат сите генерации охриѓани кои биле и се дел од манифестацијата Водици, по која Охрид е познат во светот и ние ќе сториме сè споменикот да биде најфотографираниот симбол на Охрид. – изјави проф. д-р Ванчо Чифлиганец, ген. дир. на Адора Инженеринг, Кум на Водици Охрид-2012, донатор на споменикот за Водици во Охрид.

          Проф. д-р Ванчо Чифлиганец-донатор на споменикот за Водици со вработените во Адора Инженериг на чинот на осветувањето

 

            

            „Со денешното симболично поставување на темелите, Општина Охрид доследно ја поддржува иницијативата за подигнување на ова спомен обележје, при што беше вклучена во сите фази, од носење на одлуките за локациското решение, во изборот на најдоброто идејно решение и сега ја заокружуваме подготвителната фаза, со почетокот на реализацијата на овој проект. Изразувам благодарност до донаторот на споменикот, г-динот Чифлиганец, поранешен кум на овој многу значаен христијански празник, со надеж дека тој ќе стане препознатливо спомен обележје на Охрид, со кое ќе се соживееме и ние и генерациите кои доаѓаат по нас“. – изјави Гордана Коњаноска, претседател на Советот на Општина Охрид.

Споменикот за Водици ќе биде висок околу три метри, ќе се лее во бронза, според идејното решение на академскиот скулптор Ангел Коруновски, ќе биде претстава  на фаќачот на крстот, поставен на постамент од два метри, со уредена и оплеменета околина. Се очекува спомен обележјето да биде комплетирано до летната туристичка сезона 2014-та.

Голема посетеност на осветувањето на камен темелите на споменикот за Водици во Охрид од граѓаните и претставниците на медиумите

Archive