ФОНДАЦИЈА ПРОФ. Д-Р ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ ОД 2014

За похуман, подобар, порамноправен и посреќен свет

Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец е основана на 15 декември 2014-та година од Адора инженеринг, како круна на дологогодишната корпоративна општествена одговорност и продолжение на филантропската традиција на проф. д-р Ванчо Чифлиганец. Мисијата на фондацијата е да го поддржи и унапреди развојот на образованието, науката, спортот, културата, уметноста, да организира хуманитарни и други активности, со цел да придонесе за изградба на подобар, посреќен и порамноправен свет, со еднакви можности за сите. Во 20 годишното постоење, Адора инженеринг за поддршка на заедницата, вложила многу труд, љубов и средства од над 5 милиони евра.

Адора инженеринг од 2012-та година е активна членка на Глобалниот Договор на ООН, најголемата глобална асоцијација на општествено одговорни компании во светот.

Филантропијата на проф. д-р Ванчо Чифлиганец има корени во хуманоста и солидарноста негувани во неговото скромно семејство, продолжила преку поддршката добиена за неговото образование, за да прерасне во корпоративна навика, заштитен знак, етички, бизнис кодекс и препознатлив имиџ на Адора инженеринг. Мотото дека еден човек и една компанија не постојат само за себе и за своето опкружување, дека секој во рамките на своите можности треба да им помага на другите, да ѝ возврати на заедницата и да го сподели успехот со неа, беа водилки на Адора инженеринг и Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец во реализацијата на голем број проекти од општо добро.
Покажувајќи дека хуманоста нема граници, Адора Бизнис Групацијата и Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец како главен партнер со Фондацијата Новак Ѓоковиќ, во 2021-ва година изградија нова, комплетно опремена, модерна детска градинка во село Љубиш, Србија. Градинката која е во близина на туристичкиот планински центар Златибор и новиот комплекс 21st Century Residence, Spa & Wellness by Adora, на децата од предучилишна возраст им нуди едукација, игра и развој во безбедна, адекватна и креативна средина. Со овој проект, како и со поддршката на Фудбалскиот Клуб Златибор и регионалниот фудбалски куп Пријателство во Златибор, интернационалниот бренд Адора ја прошири корпоративната филозофија надвор од границите на матичната држава, воден од премисата дека вистинскиот успех на компаниите се мери според квалитетот на општеството што тие умеат да го создадат во средините во кои делуваат.

Меѓу донациите во Македонија се: изградбата на православниот храм Свети Јован Крстител на кејот на реката Вардар во Општина Аеродром, Скопје, фонтаната во паркот во Кисела Вода, саат кулите во Ѓорче Петров и Струмица и Спомен обележјето Фаќач на крст во Охрид, посветен празникот Богојавление-Водици. Компанијата има донирано опрема и медицински апарати во болниците во Скопје, Радовиш и Струмица, современи помагала и опрема во детски градинки и училишта, саниран е дотраениот покрив во Посебното основно училиште Златан Сремец во Скопје. Доделени се голем број стипендии на талентирани ученици, студенти, купувачи и вработени, организирани и поддржани се: првата сертифицирана академија „Адора инженеринг“ во кампањата „Креатори на сонот“, Аутокад обуки и ЗД Макс Аутодеск обуки. Во борбата против гладта и сиромаштијата, поделени се 200 прехранбено-хигиенски пакети во охридскиот регион, од 2014-та година се реализира проектот во кој се обезбедени неколку илјади оброци за бездомниците во Скопје, изграден е нов дом на место на опожарената куќа за семејството Трајкови во Дедино, Конче.
Во рамките на поддршката на спортот, околу една деценија Адора перманентно го поддржува Димитар Ѓорѓиев, четирикратниот светски и европски првак во кик бокс, под покровителство на фондацијата е формиран кик бокс клубот Работнички Адора и отворен е истоимениот кик бокс тренинг центар, еден од најдобрите на Балканот. Во областа на културата, Адора две години беше главен спонзор на реномираната меѓународна манифестација „Охридско Лето“, поддржани се голем број универзитетски школи, научни форуми, здруженија, а во рамките на афирмацијата на македонската уметност и култура е покровителството на првиот самостоен концерт на поп пејачката Тамара Тодевска, објавата и печатењето на голем број книги, разни изданија и публикации.
Со наградите автомобили, патувања на Куба, Дубаи, Рим, Венеција, Медитеранот и низ Македонија, вредни подароци, кујни, опрема за домот, универзитетско школување, елки и новогодишни пакетничиња и други вниманија, купувачите од Адора секогаш добиваат повеќе од нов дом, дополнителна вредност и парче среќа за семејството.

Со почитување на принципите на Глобалниот Договор и целите за одржлив развој на ООН, ги прифативме предизвиците од новата ера за обезбедување одржлива иднина на светско ниво. Во 2019-та година компанијата ја доби наградата од ООН како предводник во остварување на целите за одржлив развој на национално ниво, а добиени се и повеќе други признанија за филантропија и општествена одговорност.