toplifikacija

Известување од Адора инженеринг во врска со случувањата и реакциите во јавноста околу купувањето на Топланите Исток и Запад од стечајна постапка

Како генерален директор и сопственик на Адора инженеринг, би сакал да дадам видување на нашата компанија во врска со некои од реакциите во јавноста околу купувањето на Топланите Исток и Запад од стечајна постапка, инаку поранешен имот на Топлификација АД.

Пред сè, би се осврнал кон реакциите на Здружението на граѓани акционери во Топлификација – Скопје. Во врска со информацијата која што како допис ја споделија во јавноста, би кажал дека воопшто не би сакал да навлегувам во дискусија за истата. Ниту кажувам дека се во право, ниту спорам дека не се во право. Адора инженеринг не е запознаена со историјата и случувањата со Топлификација АД низ годините, и навистина не би заземале став околу истите. Она што за нас како компанија е познато е дека за Топлификација АД беше отпочната стечајна постапка и имотот којшто веќе години наназад е стопанисуван од БЕГ без да има сопственост за истиот, односно го користи под наем, беше предмет на продажба во стечајната постапка. Идејата и интенцијата на Адора инженеринг беше најдобронамерна и позитивно стратешка за градот Скопје, односно оценивме дека Топланите Исток и Запад, што впрочем се од највисок јавен интерес, заслужуваат да бидат во сопственост и владение на домашна компанија, како не би биле предмет на изнајмување од страна на странски компании.

Понатаму, за самиот купопродажен процес. Адора инженеринг се пријави на транспарентна јавна лицитација за купување на пакет број 1 од лицитацијата, односно само имотот на Топланите Исток и Запад. За да биде јасно, ние не го купивме целиот имот на Топлификација проценет на 30 милиони евра, не купивме никакви идни побарувања, сопственички удели во ТЕ-ТО, ниту ништо друго, освен Топланите Исток и Запад. Исто така, исклучително важно да се знае е тоа што иако имотот на Топланите Исток и Запад, што всушност се делот кој влегува во регулираниот бизнис со топлинска енергија е проценет на 17 милиони евра, во Регулаторната комисија за енергетика, тие се со запишана сметководствена вредност од околу 8 милиони евра, на кој износ се пресметува одреден регулиран принос на капитал. На јавната лицитација можеше да се пријави било кое лице или субјект. Лицитацијата беше организирана од страна на стечаен управник и Адора инженеринг немаше апсолутно никакви ингеренции ниту улога во истата, освен како заинтересирана странка. Лицитацијата беше без почетна цена со единечен праг на наддавање од 165.000 евра, односно некој можеше да понуди 165.000 евра и лицитацијата да заврши. Адора инженеринг понуди највисока цена, односно 9,27 милиони евра со сите вклучени даноци, по што немаше понатамошни понуди.

За самиот бизнис со производство на топлинската енергија. Би сакал јавно да ги информирам граѓаните дека овој бизнис, во овој момент има многу мала или, кога од одобрениот принос на капитал, таканеречен WACC ќе се одземат банкарските камати, речиси и да нема економска исплатливост. Моменталниот одобрен принос на капитал WACC, односно регулираната определена заработувачка од бизнисот е на историско најниско ниво, односно двојно помала во споредба со неколку години наназад. Во исто време, предизвиците за оперирање на истиот, поради глобалните неприлики, неизвесност и инфлација, се поголеми од било кога. Транспарентно изјавуваме дека Адора инженеринг ќе стопанисува со овој бизнис со цел да најде економска логика за повратот на оваа инвестиција. За ние да сме во можност и да имаме оправданост да ја развиваме оваа гранка на про-активен начин, круцијално за нас како инвеститори е да се има економска логика во работењето. Тоа не значи задолжително зголемување на цената за греење, бидејќи во целиот процес веруваме дека постојат начини да се направат заштеди, оптимизации и модернизации во работењето, со што финално би можело да се добие и поголема економска исплатливост во работењето и реални сметки за граѓаните. Исто така, би сакале транспарентно да соопштиме дека цената на гасот е најголемиот фактор во крајната цена на топлинската енергија, а денес цената на гасот е на рекордно високо ниво, што не значи дека задолжително ќе остане така, односно во иднина, овој ценовен шок би требало да се стабилизира.

Како сублимација сакам да го кажам следното. Би сакал да ја повикам јавноста да се воздржи од обвинувања кон мојата компанија, односно моето семејство. Во минатото овој бизнис пропаднал, за што како што кажав на почетокот, не би сакал да давам коментари. Нашата идеја беше исклучиво мотивирана од желбата овој бизнис да биде во домашни раце. Адора инженеринг е прв правен субјект досега што реално платил за овој бизнис. Односно топланите во градот Скопје се изградени во 60-тите години со тогашни државни пари. Околу 2000-та година, Топлификација АД се приватизира од страна на вработените. Од 2013-та година, друштвото БЕГ Производство ги стопанисува топланите без да има сопственост врз нив, односно ги има под наем. Ние денес, за прв пат од кога постојат, плаќаме 9,3 милиони евра за истите. Адора инженеринг ќе го употреби целото наше менаџерско знаење, искуство и визија да оствари оптимизација, модернизација и заштеди во процесот, што како резултат ќе обезбеди заштеди за граѓаните, а за нас како инвеститори, транспарентна економска исплатливост од бизнисот. За Адора инженеринг, износот на оваа инвестиција не е воопшто занемарувачки, односно успешноста или неуспешноста на истата може да биде од егзистинцијален карактер за компанијата. Овие средства, исто така имаат опуртунитетен трошок и постојат многу можности за нивно вложување во останати деловни гранки.

Такашто, го повикувам Собранието на доверители коешто ќе се одржи на 8-ми октомври, каде што впрочем треба да се одлучува за оваа наша купопродажна понуда, внимателно да ги согледа сите аспекти, прилики и неприлики и по истото да се произнесе.

Доколку Собранието на доверители одлучи дека не е задоволно од понудата, Адора инженеринг е подготвена да ја прифати одлуката на Собранието на доверители, без разлика дали е позитивна или е негативна за најповолниот понудувач Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје.

Со почит,

Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје
Генерален директор,
проф. д-р. Ванчо Чифлиганец
Заменик генерален директор и одговорен за овој бизнис развој,
Душко Чифлиганец

Архива