Комплетно реновирана руинираната спортска училишна сала во Општина Кисела Вода со поддршка на Адора Бизнис Групација

Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, генералниот директор на Адора инженеринг проф. д-р Ванчо Чифлиганец и познатиот ракометен голман Борко Ристовски со сечење лента, деновиве ја пуштија во употреба целосно обновената спортска сала во Основното Училиште „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода, Скопје. Со инвестициски проект вреден 4 милиони денари, поддржан од градежниот бренд Адора, темелно е реконструирана руиниранираната спортска сала во училишниот објект изграден по скопскиот земјотрес, со цел децата да имаат подобри услови за спортување.

„За помалку од три месеци, со сериозна реконструкција на спортската сала во училишниот објект „Невена Георгиева Дуња“, каде буквално ништо не беше вложено изминативе 60 години, младите генерации во Општина Кисела Вода добија нов спортски бисер со далеку подобри услови за спортување од минатото. Ѝ се заблагодарувам на компанијата Адора инженеринг и на нејзиниот сопственик проф. д-р Ванчо Чифлиганец, со чија финансиска помош, заедно го реализиравме овој проект за подобар живот и подобра иднина на децата“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

„После жителството во Радовиш, каде што сум роден, пред 12 години добив жителство во Општина Кисела Вода. Колку што пријатно го чувствувам Радовиш, исто толку пријатно ја чувствувам и скопска Кисела Вода, како моја општина. Адора, две децении во континуитет е општествено одговорна компанија која ги  поддржува спортот, образованието, здравството, науката, културата, при што најважно е помошта да се дава на вистинско место и во вистински момент“, порача проф. д-р Ванчо Чифлиганец за кого помагањето во спортот, градејќи добри услови за спортување е најоправданата инвестиција во здрави, млади луѓе ако сакаме да имаме здраво општество. Генералниот директор на Адора доби благодарница од градоначалникот на Кисела Вода за финансиската поддршка при реализацијата на овој значаен проект за општината.

Во спортската сала е извршена комплетна термоенергетска обнова на ѕидовите, поставен е нов паркет на подот, променета е електроинсталацијата и осветлувањето, саниран е кровот и системот за вентилација, соблекувалните и помошните простории се варосани и обложени со плочки, променета е влезната врата, спортските реквизити се санирани, репарирани и дополнети со нови, а салата доби и парно греење. По свеченото отворање, основците од ОУ „Невена Георгиева Дуња“, среќни, во ведра атмосфера го одржаа првиот час по физичко во обновената спортска сала.

Архива