ССК ГИ ПОВИКА ИНСТИТУЦИИТЕ НИЗ ДИЈАЛОГ СО АДОРА ИНЖЕНЕРИНГ ДА ГО РЕШАТ ПРАШАЊЕТО СО ТОПЛАНИТЕ ЗА ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА ВО СКОПЈЕ И ДА СЕ ПОКАЖЕ ДЕКА ВЛАДЕЕ ПРАВОТО ВО ДРЖАВАТА

Сојузот на стопански комори на Македонија во соопштение до јавноста ù даде безрезервна поддршка на компанијата Адора инженеринг со апел дека правото на сопственост е неприкосновено и дека треба да се најде фер решение за топланите во Скопје.

ССК ги повикува институциите на државата транспарентно да остварат дијалог со сопственикот на топланите Исток и Запад, компанијата Адора инженеринг и безусловно да го решат прашањето во врска со топланите за навремено да се обезбеди топлинска енергија за градот Скопје. „Само на овој начин државата ќе покаже дека имаме институции и владее правото во оваа држава, бидејќи и компанијата, а и граѓаните трпат огромни штети“, велат оттаму.

„Ги повикуваме, Регулаторната комисија за енергетика, ЕСМ АД Скопје и Владата како координатор на целиот процес, во оваа кризна состојба да се најде праведно и фер решение за користење на топланите преку договор за закуп, кој нема да биде на штета на компанијата или со откуп на топланите од страна на ЕСМ АД. Јавно ја поддржуваме нашата членка Адора Инженеринг, која, како што може да се разбере од целата комуникација, само сака да си ги наплати финансиските долгови, кои законски и следуваат. Во обид да најде решение прифатливо за сите засегнати страни, истакнуваме дека од компанијата Адора инженеринг се доставени околу 100 дописи до надлежните институции, од нив 29 се до стечајниот управник, 25 до Регулаторната комисија за енергетика, 10 до ЕСМ АД, 4 до Владата. На сите овие дописи, институциите останаа неми на потребата за решавање на проблемот и важноста на истиот и кон приватната домашна компанија, Адора инженеринг и пред сè јавниот интерес и општото добро за граѓаните“ се вели во соопштението на ССК.

Оттаму истакнуваат дека „Сојузот на стопански комори на Македонија јавно ги повикува надлежните институции да го почитуваат принципот на владеењето на правото, како и со Устав загарантираното право на располагање со приватна сопственоста и во најкус можен рок да овозможат остварување на владение од страна на Адора инженеринг на топланите во Скопје, кои се купени во транспарентна постапка на јавно наддавање“.

„Имено иако компанијата се стекна со сопственост врз топланите Исток и Запад во градот Скопје во септември 2021 година, сеуште нема владение врз имотот за кој што плати 9,26 милиони евра со сите давачки. На наддавањето Адора инженеринг даде највисока понуда и ги купи топланите Исток и Запад за што навремено ја исплати целосната сума. И покрај тоа, пoради административни, институционални и други системски недоследности, како инвеститор, Адора инженеринг не може и до ден денес, веќе 13 месеци од продажбата, да го оствари правото на сопственост врз објектите на топланите и покрај тоа што ги употребија сите правни механизми за тоа. Адора инженеринг е принудена да финансира и дел од работењето на топланите со свои основни средства, а во исто време за тоа не може да добие ниту владение, ниту надомест. Адора инженеринг трпи огромни финансиски и штети врз угледот на компанијата, поради неможноста да го запише имотот што го купила под хипотека во корист на банката, од која е обезбеден кредитот“ велат од Комората.

Во врска со актуелната, фактичка состојба со топланите Исток и Запад и снабдувањето на Скопје со парно греење, генералниот директор на Адора инженеринг, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, деновиве своите согледувања ги изнесе во интервју на Телевизија 24 од каде порача: „На институциите, на граѓаните, на скопјани, на метрополата на нашата земја Македонија, им порачувам дека ниту Ванчо Чифлиганец, ниту Адора инженеринг, ниту вработените, ни семејството, не се и нема да бидат пречка и алиби, за да нема топлинска енергија“.

Прочитајте повеќе на: https://netpress.com.mk/chifliganec-preku-slucha-ot-so-toplanite-se-potvrduvaat-izveshtaite-na-eu-i-na-sad-za-vladee-e-na-pravnata-nesigurnost-vo-drzhavata/

Архива