Што не научи здравствената криза, дали градежниот сектор може да биде двигател на економски раст, за „урбаната мафија“ и балансот меѓу професионалниот и приватниот живот, во Трилинг зборува д-р Драгана Д. Чифлиганец

„По 15 месеци од почетокот на пандемијата, не верувам дека некој може да каже кога ќе биде крајот на оваа криза. Но, можам да кажам дека тоа не научи сите, и македонската и светската економија, дека правилото кое важело во бизнисот, планирањето, преку ноќ повеќе не важи. Нашата економија е кревка, но за среќа 30 години тренинг во постојана криза не научило како можеме брзо да се адаптираме во вакви ситуации“, изјави д-р Драгана Д. Чифлиганец, извршен директор на Адора инженеринг, во интервју во тв магазинот Трилинг, на прашањето за излезот од здравствената криза и ефектите на пандемијата врз економијата.
„Во секоја здрава економија, градежништвото е столбот на економијата, бидејќи со него одат 30 други гранки и затоа сметам дека тоа треба да биде приоритет број 1 за сите институции, а не за тоа да решаваат одредени поединци во одредени општини. Фактот што 7,1 % од деловните субјекти во Македонија се од градежниот сектор и 6,9 % од работната сила се ангажирани во градежништвото, укажува на важноста на градежништвото. Кај нас градежниците, короната започна многу порано, со воведувањето на мораториумот за градење. Ако порано сме биле 500 вработени, ние како компанија за неколку години се сведовме на 25 вработени, а овој проблем е присутен и кај други големи градежни компании во државата“, потенцира д-р Драгана Чифлиганец, потпретседател на Стопанската Комора на Македонија.
„Урбаната мафија е многу интересна за коментирање. Но, нас во градежниот сектор, најмногу не боли кога поимите се мешаат и се поистоветуваат сите градежници со урбаната мафија. Во градежниот еснаф ни пречи урбаниот хаос и ние сме први за ставање ред во градежништввото, но ставање во еден кош на сите, не е во ред и тоа многу боли, особено што законот за некои е мајка, а за други е маќеа. Оние кои се појавуваат еднократно и ќе направат нешто што не во склад со нормативите, кои доаѓаат за брза заработка, еднократна употреба за еден проект и после исчезнуваат, се само поединци, а не цела фела. Од друга страна се компаниите кои вложуваат во македонското стопанство, се трудат да ја стекнат довербата на граѓаните и сакаат да биде македонскиот квалитет на ниво како и сите други. Наместо да се линчуваат инвеститорите, требаше да се одреди времетраење на мораториумот и тој да важи за сите. А не некои странски инвеститори да градат во центарот на Скопје, а домашниот инвеститор на само 5 метри од него, да не смее да гради“. – е размислувањето на Драгана Чифлиганец за феноменот „урбана мафија“.
„Кој сака да работи и да се докажува, ќе најде за тоа начин и во време на пандемија. Ние си знаеме како е во ова кризно време да се шири бизнисот во Грција и Србија, да се соработува со Фондацијата Новак Ѓоковиќ, со која изградивме нова градинка во Љубиш, Србија. Три години чекавме да се стави ред и да се усогласат институциите , но меѓуинституцијалната несоработка му наштети на целиот сектор“. порача Драгана Д. Чифлиганец за прашањето дали опструкциите во работењето е една од причините за ширење на инвестициите на Адора надвор од Македонија. Иако вели дека приоритетите се менуваат со мајчинството, таа инсистира на баланс меѓу приватниот и професионалниот живот и на квалитетно време поминато со најблиските“.

Интегралното интервју на Горазд Чомовски со д-р Драгана Д. Чифлиганец во Трилинг е на линкот: Интервју Трилинг

Архива