Извршната претседателка на Адора Бизнис Групацијата, д-р Драгана Чифлиганец е избрана за млада жена – бизнис херој, која успешно гради краиера – да биде пример за младите да останат во државата, а оние кои што учат и работат во странство да се вратат и тука да создаваат.
Дваесет млади се избрани за „Двигатели на промени“ од Стопанската комора на Северна Македонија и од ТИРЗ ( Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони), а уште 12 ќе номинира јавноста, за да се стигне до вкупно 32 млади што ќе симболизира 32 години од независноста на државава и нејзиниот иден раст и развој. Целта на проектот „Иднината почнува дома“ е да промовира млади визионери, креатори, двигатели на идните промени, индивидуалци кои се истакнуваат во своите области на делување, прават позитивна разлика и работат посветено и во интерес на иднината на државава. Иницијативата е поддржана од Стопанската комора на Македонија, од ТИРЗ, а ја поздрави и претседателот на државата Стево Пендаровски, со цел да ги инспирираат и охрабрат сегашните и идните млади генерации, напорно да работат дома и позитивно да придонесуваат за општеството, да покажат и мотивираат со пример дека иднината може да почнува дома.






