По повод Денот на рударите – 28 Август, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини му додели признание на проф. д-р Ванчо Чифлиганец за неговиот особен придонес, професионалната посветеност и значајните заслуги за развојот и унапредувањето на рударството во Македонија.
За проф. д-р Чифлиганец, кој речиси три децении стручно, научно и организациски беше посветен на оваа дејност, рударството отсекогаш претставувало многу повеќе од стопанска гранка.
„Зад рударството стојат вредни и посветени луѓе, а од нивниот труд живеат, се образуваат и ја градат иднината илјадници македонски семејства. Токму затоа, за мене, македонските рудари се вистински херои на трудот“, истакна проф. д-р Чифлиганец.
На годинешното одбележување посебно внимание беше посветено на вработените, нивната безбедност и заштитата на животната средина. Според проф. д-р Чифлиганец, примената на современите светски технологии, почитувањето на високите стандарди и одговорното управување се основа за понатамошен развој на рударството, со постојана грижа за луѓето и природата.
„Големи честитки до Министерството и министерката Сања Божиновска за иницијативата на едно место да ги соберат и обединат македонските рудари, геолози и сите професионалци од овој значаен сектор. Чест и почит заслужуваат и сите добитници на признанија за нивната посветена работа и придонес“, порача проф. д-р Чифлиганец.
Со доделувањето на признанијата на рударите и на професионалците од оваа област, Министерството ја истакна важноста на институционалното препознавање и соодветното вреднување на нивниот труд и придонес кон развојот на македонскиот рударски сектор.
По повод 28 Август, проф. д-р Ванчо Чифлиганец упати честитки и благодарност до сите македонски рудари, а особено до рударите од Бучим – Радовиш, Тораница – Крива Паланка, Злетово – Пробиштип, САСА – Македонска Каменица и РЕК Битола, како и до сите вработени во рудниците и наоѓалиштата на неметални минерални суровини низ Македонија.






