Градежната компанија Адора Инженеринг денес на јавна лицитација купи државно градежно земјиште за изградба на модерен старски дом „Втора младост“ во општина Илинден, Скопје, што ќе биде осмислен како спортско-рекреативен и културно-забавен комплекс „Адора Интернационал“.
На електронското наддавање, на кое учествуваше менаџерскиот тим на компанијата, градежното земјиште од државата е купено по цена од 232 денари за м², наспроти почетната цена од 61 денар за м². На атрактивното земјиште што се наоѓа наспроти хотелот Белви во општина Илинден, Скопје, Адора Инженеринг ќе инвестира во изградба на висококвалитетен комплекс, наменет за сместување и нега на стари лица, граѓани на Македонија и странски државјани, со услови за спортски и рекреативни активности, како и културно-забавни содржини.
Менаџерскиот тим на Адора Инженеринг кој плати четири пати повисока цена за купување на државното градежно земјиште е задоволен од јавната лицитација, што на компанијата ќе ѝ овозможи реализација на 100 % македонска квалитетна градба, комплетно домашна инвестиција вредна повеќе милиони евра, со што Македонија во срцето на државата ќе добие нов комплекс „Адора Интернационал“. Со овој нов инвестициски зафат, кој е вистински предизвик за тимот на Адора Инженеринг, нејзиниот генерален менаџер проф. д-р Ванчо Чифлиганец влегува во петта развојна фаза во својата професионална кариера. Адора Инженеринг верува дека ќе продолжи досегашната максимално принципиелна соработка со општина Илинден и државните институции за реализација на овој проект, како значајна и вредна домашна инвестиција.