На иницијатива и барање на станарите во новоизградениот објект 3.7. на Адора Инженеринг во Ново Лисиче, општина Аеродром, Скопје, денес, на 1 ноември, 2013 година, се одржа средба со градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски, на која се дискутираше за актулените прашања за динамиката на приклучување на овој и другите станбени објекти во истиот комплекс на водоводната доводна мрежа, фекалната и атмосферска канализација. На средбата, на која присуствуваше и претставник на градежната компанија Адора Инженеринг, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски најави дека фирмата која е избрана да ги реализира приклучувањата, за тоа има временски рок од вкупно 120 дена од почетокот на работите, што практично значи дека водоводните и канализациски приклучоци за станбените објекти во Ново Лисиче кај новиот станбен комплекс „Адора“, на ул. „Февруарски поход“, треба да се изведат до крајот на годинава. Како што информираа од општина Аеродром на денешната средба, по завршување на зимскиот студен период, ќе следи изработка и на патната инфраструктура на истиот простор.
Со цел да им излезе во пресрет на купувачите на становите во своите новоизградени станбени објекти во Ново Лисиче, Аеродром, Скопје, Адора Инженеринг вложи максимални напори изведбата на горенаведените инсталации да биде во најкус можен временски рок.






