Студентите во прва година на Високата школа за односи со јавност и новинарство со професорот Александар Стамболиев, беа во посета на Адора Инженеринг Скопје, практично да дознаат како функционираат менаџментот и односите со јавност во една компанија во непосредна комуникација и дискусија со нејзиниот менаџмент.

Генералниот директор на Адора Инженеринг Скопје проф. д-р Ванчо Чифлиганец ги запозна младите студенти со неговото професионално искуство од почетоците до денес, поткрепено со постојаната едукација, 11 годишното менаџирање со државен капитал и 11 години управување со приватна компанија, која сега е лидер во градежништвото и 11-та најуспешна компанија во Македонија. Според д-р Чифлиганец, најважно за успешеното менаџирање е непосредната комуникација со вработените од сите сегменти, добра стратегија и конкретна цел во бизнисот, координираност на секторите, баланс меѓу искуството и младоста, традиционалните вредности и иновациите, опсежните анализи, постојано да се биде во тренд со светските текови, воведување новини и храбра и разумна проценка за отворање нови можности во бизнисот.
Извршниот директор на Адора Инженеринг д-р Драгана Чифлиганец им ги пренесе на студентите сопствените искуства од теоретската едукација и практичната работа, сопствениот развоен пат до менаџерската позиција, како и за важната улога на примената на современите стандарди за успешна работа на компанијата. ПР менаџерот Нина Кепеска го истакна знечењето на коректната комуникација внатре во компанијата и односите со надворешната јавност, преку медиумите, пр соопштенија, интернет маркетингот и сите алатки за создавање, негување и надградување на идентитетот и добриот имиџ на компанијата. Адора Инженеринг Скопје е отворена за посети на студентите од факултетите и универзитетите во Македонија кои сакаат да видат како изгледа реалниот бизнис, како и за реализирање на практичната работа на студентите.