Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ од Скопје (УАKС), во рамките на манифестацијата Охридско Лето, а во соработка со Заводот за заштита на спомениците од Охрид ја организира втората меѓународна летна школа за архитектура и дизајн што се одржува во Охрид. Меѓународна летна школа насловена „Преобмислување на метаболизмот”, финансиски е поддржана од градежната компанија Адора Инженеринг што често ги помага стручните и образовни форуми како и културни манифестации, кои нудат креативни идеи и нови знаења.
Целта на оваа школа е афирмација и промоција на архитектурата и можноста за креативно изразување на идните архитекти. Истовремено, оваа школа им овозможува на студентите да ги унапредат професионалните знаења и способности за полесно да ги совладаат предизвиците од културната експанзија.
Минатата година, на првата летна школа во организација на факултетот за архитектура и дизајн при Американ Колеџ Скопје, учествуваа околу 30 студенти, а оваа година бројот на студенти и заинтерсирани за учество на летна школа е зголемен и има преку 50 пријавени студенти од неколку држави меѓу кои: Италија, Иран, Романија, Молдавија, Албанија, Русија, Украина, Хрватска, Србија, Словенија и Полска. Тие ќе имаат за цел да предложат архитектонски и дизајнерски интервенции за неколку локации во град Охрид, кои во текот на работата ќе можат сами да ги изберат.
Во рамки на летната школа, оваа година сите учесници ќе присуствуваат на предавања од врвни и еминентни емиња од светот на архитектурата, меѓу кои Јошихару Цукамото и Момојо Каиџима од Јапонија и Винко Пенезиќ и Крешимир Рогина од Хрватска. На крајот на летната школа, ќе биде организирана изложба и јавна презентација на трудовите, а на сите учесниците ќе им бидат поделени дипломи.
Поддршката на Адора Инженеринг на летната меѓународна школа за архитектура и дизајн во Охрид е дел од општествено одговорните практики на компанијата за помагање на заедницата, на што е посветена како членка на Глобалниот Договор на ООН.